Ехо на детски колкови

Ехо на детски колкови

 

Eхосонографскиот преглед на колкови на новороденчињата е скрининг за определување дали колковите се нормално развиени. Еден од многу честите проблеми на детскиот колк кој може да настане при формирањето на зглобот пред, во тек и после раѓањето е развојната дисплазија на колкот.Тоа значи дека развиеноста на зглобните површини не е адекватна, главата на бутната коска не лежи соодветно во чашката и зглобот е нестабилен, или пак во поекстремните случаи доаѓа до делумно или потполно излегување на главата од лежиштето на зглобот (исчашен колк).Доколку оваа состојба навремено не се препознае и третира може да доведе до сериозни последици по зглобовите на колковите.Развојната дисплазија на колкот се јавува кај 1-3 од 1000 новороденчиња,  и е почеста кај бебињата со семејна историја на болеста, женски деца, првородени, бебиња родени со карлична позиција и бебиња од бремености со присутен олигохидрамнион (намалена количина на плодова вода), како и при близнаци.

Ехосонографскиот преглед на детскиот колк е брза, едноставна, безбедна и безболна метода со која се визуелизираат зглобовите на колковите. Во нашата установа при ехосонографската проценка на развиеноста на колковите на новороденчето се користи светски воспоствената Graf метода која користи стандардизирна техника и прецизно нумериран систем за одредување на типот на колкот. Според методата на Graf постојат четири типа на колкови, од кои само тип I претставува созреан и нормално развиен колк, додека типовите II, III и IV се однесуваат на различни степени на дисплазија на колкот и тие колкови треба да се третираат.

Важно е да се знае дека успехот на третманот на дисплазијата на колкот зависи од тоа колку рано истиот ќе се отпочне- доколку се третира уште во првите неколку месеци после раѓањето до конечното лекување се доаѓа на многу поедноставен понеинвазивен и пократкотраен начин, а третманот завршува со конечно лекување, додека во подоцнежната возраст третманот и лекувањето е посложено, опфаќа поинвазивни методи вклучувајќи и хируршки третман и остава можност за понатамошни последици на зглобот во текот на животот.Оттаму е од клучно значење првиот ултрасонографски преглед на колковите да се направи навремено- препораката е тој да биде 40 дена по раѓањето за сите новороденчиња, а за оние што имаат семејна историја на заболувањето или клинички наод на нестабилен колк по раѓањето уште во текот на првите седум дена од животот.